Во една прилика на телевизија Бубо Каров изјави: Во оваа наша земја, каде и да боцнеш, ќе ископаш историја. И навистина е така. Каде и да се фрли лопата, каде и да копне багер, каде и да има рушења, историјата изникнува од под земја да не потсети дека не сме првите тука и дека многу многу пред нас газеле на ова парче земја.

Си реков дека дур сум жива ќе пробам да ја пројдам Македонија надолж и попреку, да го истражам секое нејзино ќоше и да ја дознаам секоја приказна што ја крие тоа ќоше.

Првите пролетни денови годинава, со многу ветар и сонце со заби се покренавме правец кумановско, да го истражиме археолошкиот локалитет Големо Градиште во атарот на село Коњух, во долината на Крива Река, кумановско. До него се стига преку магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, и од тој пат се исклучува кај селото Војник.

Не знам ни искрено од каде дознав за местово, меѓутоа ми е на листата на места што треба да ги посетам. Кога стигнавме на местото, Гугл мапс ни викаше дека треба да продолжиме право по еден земјен пат, меѓутоа бидејќи во Македонија се уште најдобриот и неприкосновениот навигационен систем е ‘Извинете да ве прашам нешто’, ние продолживме право по асфалтот и застанавме кај еден чичко и една женичка што копаа покрај патот.

  • Добар ден, дали знаете каде е локалитетот Големо Градиште?
  • Па целото ова е Големо Градиште. Што ви треба?

Насока за оние кои сакаат да го посетат локалитетот: Спротивно на она што ви кажува гугл мапс кога ќе стигнете до мостот, наместо да продолжите право по земјениот пат, вие преминете го мостот. Веднаш после мостот од левата страна почнува патека (секако необележана) која води кон локалитетот.

Испадна дека сме налетале на вистинскиот човек. Чичко Бошко пред неколку години копал на некоја нива со багерот и откопал црква од 6ти век. Ги знае сите преданија за местото. Ја оставивме колата кај нивата на чичко Бошко и тргнавме во поход.

Населбата со градот била втор административен центар во римското царство, по локалитетот Скупи и се верува дека базилика која е ископана во локалитетот била епископска базилика. Горе на врвот од карпите има ротонда или кружа црква и пештери-испосници, кои што за жал овој пат не успеавме да ги видиме бидејќи дуваше страшен ветар и нашиот 4 годишен сопатник беше гладен и му беше ладно.

Ротондата на врвот од брдото, гледана одоздолу. Населбата се наоѓа од другата страна на брдото, гледано одовде.

Едно од интересните преданија за местото и стариот град е дека се верува дека после уништувањето на населбата (најверојатно откако турците го освоиле и запалиле градот) локалното население се иселило во Солун, и таму имале свое посебно маало – Коњушко маало. Дали и ден денес постои тоа маало – не знам.

За да се стигне до локалитетот се оди по прилично лесна и не многу долга патека, прилагодена и за мали деца која што започнува веднаш после мостот на Крива Река. Бидејќи нема никаков знак, од кола е многу малку веројатно дека ќе ја приметите патеката. Впрочем, не само на самото место, туку и за да се стигне до локалитетот нема ниту еден патоказ по патот.

Надвор од локалитетот има еден куп расфрлани камења, а под земјата се верува дека има уште еден куп затрупани неоткопани ѕидини. Веројатно се нема пари за да се ископа историјата, бидејќи сме зафатени да создаваме некоја нова модерна историја. Не знам.

Се вративме назад по кратката обиколка околу локалитетот. Ветрот беше немилосрден. А кај колата не пречека чичко Бошко. “Влезејте сега на по една ракија во завет, да се згреете… Ја имаше работа, иначе ќе ве качеше со тракторот до горе кај ротондата.”

Чичко Бошко ни раскажа како ископините се резулат на странски финансирања, и дека да не биле тие пари веројатно немало да биде откопана населбата. Но исто и ни раскажа за неговата жена и болеста што ја спопаднала. Имала рак на дебело црево, меѓутоа на крај како прав борец ја победила болеста.

“Имаше 90кг. Падна на 37. Сега женичката пак ми има 90 кила.”

Чичко бошко

По повод оздравувањето на неговата жена, подигнале мала црквичка, ја изградиле сами. Имаат и направено мал конак, ископано бунар и направено летниковец. На Богородица лани имало 200 души на ручек во црквата.

Чичко Бошко ни дозволи и да позираме малку на тракторот. За возење немаше интерес.

Запаливме по една свеќа и им пожеливме на чичко Бошко и на неговата жена само здравје да ги служи, зошто само тоа со пари не се купува. И им ветивме дека ќе дојдеме набрзо пак, бидејќи многу работи во блиската околина ни останаа неистражени – ротондата, пештерите испосници, цоцев камен, карпата што менува лик од каде и да ја гледаш… Има уште многу многу да се истражува.

И покрај тоа што не успеавме да видиме се, ова беше еден прекрасен ден, полн со сеќавања кои ги градиме и кои ќе ги спомнуваме низ годините што следат.

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *