Кога мислиме на туризам во источна македонија, обично мислиме на Берово. Но недалеку од познатото Беровско езеро, Аурора и викендиците што се издаваат и се полни долж целата година се наоѓа една сосема по-underground неистражена македонска природна убавина – Пехчево и пехчевските водопади.

Ќе си помислите што баш Пехчево. И јас бев таква. Но за еден продолжен викенд мајка ми запна да сме оделе таму, и некако ми ја продаде идејата. И така сите топтан фамилијарно се з’гнавме за Пехчево. Другарите ми се скинаа од смеење – ха ха, на викенд одиш во Пехчево, ова го можеш само ти. А и јас бев скептик додуше, не ми беше најмерак. Ама во Пехчево имав бидено само еднаш претходно, и тоа со точак, на поминување, па целиот реон и не ми беше многу истражен.

На 10 километри од Пехчево, нагоре по патот се наоѓа викенд населбата Равна Река. Не ми беше јасно како до тогаш не сум била таму. Викенд населбата е долж течението на реката Брегалница, и и покрај тоа што е во планина теренот е релативно рамен или со блага угорница/удолница, што го прави многу поволен за шетање со мали деца или со колички. Ова ми е од исклучителна важност изминативе година дена и знам колку добро ќе им дојде ваков совет на тазе родители со мали деца кои што се ентузијасти за шетање како мене.

Теренот изобилува со шипинки и капини, ниви на кои што се насадени органски шумски плодови а има и рибник каде што може да седнете на ручек. Набравме шипинки една ќеса, и мајка ми се амбицираше да направи џем од шипки, ама ништо не бидна од бизнисот, пусти обврски кога ќе се вратиш на секојдневниот живот, не знаеш што попрво да фатиш. А капина не пробав ниедна, бидејќи стврлото Ѓеорги ги изеде сите што ги набравме. Асфалтниот пат завршува на една голема ширина, каде што има фудбалско игралиште, летниковци и дрвени куќарки за пентарење за мали деца. Да, исклучително важно за мене во изминатиов период е местото што го посетувам да е kid friendly и да има содржини за мали деца. Патувањето добива многу поинаква димензија кога патуваш со мало дете.


Изворите на Брегалница

Прошетките до пехчевските водопади се едни од најживописните предели каде што сум била во Македонија. Без претерување. Во реонот постојат 4 водопади: Спиковски водопад, Црнодолски водопад, Скокотот и Љутачки водопад. Ние посетивме два, толку ми дозволуваа можностите со мало дете (и тоа имаше кој да го чува дур пешачевме) До двата водопади има скромни 15 минути пешачење, не е никаков спектакуларен спортски подвиг и до нив може да стигне буквално секој.

Она што ми се бендиса е дека кај едниот од водопадите има уредна поплочена пешачка патека и таму лесно се стига со количка, односно едниот водопад е и baby friendly. Улетани се таму пари од швајцарски грантови, и кога го посетивме ние водопадот градежните работи беа при крај. Има многу летниковци, а во фаза на изградба беше и скара/фурна, така да пределот дозволува престој во природа на подолго време.

Седнавме на едниот од летниковците. Веднаш шамар и враќање во реалноста – лево лименка од пиво згмечена, на масата оставено пластично шише, десно најлонска ќеса, дрвото и летниковецот изгравирани со миљон имиња на безбројните посетители кои што поминале и седнале таму. Воздивнавме нечујно. И пак и пак и пак ми навира прашањето: Зошто? Која е потребата? Не се обидов да си дадам одговор. Само воздивнав повторно, ја кренав главата и продолжив да уживам во природата.

Она што не сум го знаела е дека реката Брегалница извира токму таму – во планините над Пехчево. Таму не стигнавме да отидеме, така да ќе мора да се вратиме некој друг пат и да ги посетиме останатите водопади.


Каде да престојувате

Мотелот Дивине е еден од полошите смештаи во кој што сум била до сега. Собите се оскудни, нема веце во секоја од нив, а само во едната има ќумбе на дрва. Ќе си речете тогаш зошто го препорачувам? Од неколку причини:

  1. Ќе помогнете во развојот на локални микробизниси – Мотелот е семеен бизнис кои што го водат буквално сами мажот и жената. Го купиле имотот пред неколку години, и малце по малце со свои раце ја оспособиле градбата за мотел. Имаат и две дечиња кои што несебично им помагаат (и ми помагаа и мене со тоа што девојчето по цел ден го чуваше и играше Ѓеорги, па јас успеав и малце да здивнам) и со престојот таму директно ќе го помагате развојот на локален микробизнис – нешто што на Македонија очајно и е потребно. Во разговорот со нив ни наговестија дека за наредната година планираат да стават и во собите централно греење, и дека во план им е и да направат рибник, така да состојбата на мотелот сигурно нема да остане таква каква што ја искусивме ние.
  2. Храната е домашна, намирниците се домашни, а и готвењето е домашно. Лебот го меси и пече во фурна газдарицата сама, ајварот е домашен, рибите се од рибникот, доматот е од семејната бавча. Вакво “локално, еколошки чисто и органско” искуство на запад чини пари. Кај нас се добива за 600 денари од ноќевање со појадок.
  3. Дворот на мотелот и самото опкружување се преубави. Доволно место за дете да трча наоколу колку сака. Реката шушти, птиците црцорат, ветрето пирка, вистинска планинска идила.

Така да доколку не сте од оние на кои што им е потребен луксуз, мотелот е вистинско место за вас. Јас планирам на пролет повторно да го посетам, бидејќи видовме само 2 од четирите водопади. А и на пролет може да се поминува многу повеќе време надвор, така да оскудноста на собите и нема да ни е некој проблем. На газдите од се срце им пожелувам што поскоро мотелот да се развие комплетно и да биде активен и во зимските месеци, па и во работните денови.

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *