Патот низ Трансилванија до зацртаната прва цел – Сигишуара беше феноменален. Пројдовме низ бројни села, сите џиџани, средени, чисти и мирни. Бебе најадено и заспано, зајдисонце, прекрасни живописни пејзажи, и на секои 2-3 километри по некој замок.

Сигишуара – родното место на Влад Дракул

Во Сигишуара стигнавме доцна вечерта. Хотелот ни беше на едно брдо што се наоѓаше малтене надвор од градот. Бевме малце скептични бидејќи за да го најдеме хотелот возевме низ шума со тампониран и неасфалтиран пат. Дополнително масло на огнот фрлаше фактот дека GPS системот не можеше да го лоцира хотелот па не носеше некаде среде шума каде што нема ништо.

Се двоумевме дали да се вратиме во градод толе или да продолжиме да шетаме доцна навечер низ шумата. Ме фаќаше мала анксиозност бидејќи се приближуваше времето кога Ѓеорги треба да пие млеко, а јас веќе немав чисти шишиња. Меѓутоа погледот од терасата на хотелот што го имаше на сликите кога го букирав хотелот не ми даваше да се откажеме. На крајот случајно налетавме на една викенд населба, и старото добро ‘Извинете, да прашам…’ не донесе конечно до хотелот. Се исплатеше.

Терасата на хотелот во Сигишуара каде што доручкувавме сабајлето

Сигишуара е средовековен град, многу добро зачуван, заштитен од УНЕСКО. Прилично атрактивна дестинација за секој турист во Романија бидејќи е родно место на Дракула – средновековниот владетел што бил инспирација за фиктивниот Дракула што сите го знаеме. Насекаде се продаваат тракатанци сувенири, дракула магнети за на фрижидер, кригли за пиво со секири и ланци на нив, и маици на кои што пишува: I :heart:Drakula.

Сигишуара не е baby-friendly град. Воопшто. Средновековниот дел на градот, она што се наоѓа внатре во градските ѕидини е целиот со калдрма, и тоа нерамна калдрма. Да возиш по неа количка е скоро невозможно. Како се искачувавме нагоре, повремените скалички стануваа се понапорни, а калдрмата се потешка за совладување. Влез во било кој од музеите или било каква организирана туристичка тура беше mission impossible. Па наместо тоа, седнавме под една дебела сенка да испиеме по едно ладно романско пиво. Воздивнав малце додека ги гледав холандските туристи како се шетаат слободно по калдрмата и музеите со нивните бебиња стокмени во ранци. Ние не бевме снабдени со таква опрема. Но си реков: не барај преку леб погача – за следниот пат ќе знаеш подобро.

Сибиу

Она што пријатно ме изненади, а скоро секогаш е така кога одиш некаде без никакви очекувања. Сибиу е град во централна Трансилванија кој што не е обавезна туристичка станица на секој турист во Романија, ама е сепак на мапата на градови што треба да се видат. Совршена комбинација на Трансилваниски шарм и туристички содржини, средно голем град кој што е пријатен за шетање заради големите јавни површини, широките тротоари и многуте пешачки зони.

Она што е специфично за градот е дека тој бил уште од средниот век град во кое што било доминантно германското малцинство. Па така во денешно време менијата во рестораните и кафулињата се напишани на романски и германски, имињата на улиците се на романски и германски, огромен дел од продавачите во продавниците зборуваат на германски, а некои од знаменитостите се исто така означени и само на германски. Самиот град е всушност познат како Hermannstadt.

Начекавме некој летен филмски фестивал со кино проекции на отворено. Седнавме во првиот кафич во кој што најдовме место и се преправавме дека го следиме филмот додека Ѓеорги се преправаше дека спие.

Утредента требаше да се враќаме назад за Букурешт. Не чекаше долг пат. Она што го извозевме за два дена со попатни станици, сега требаше да го извозиме за еден. Станавме рано се спастривме набрзински, организирани до даска, оп сервото на колата не работи. Велат среќата ги следи храбрите, па не знам како ама успеавме да најдеме вулканизер што работи во сабота и кој што беше желен да ни помогне и да не бутне преку ред. Вајлд картата ‘со мало бебе сме’ се покажа одлична.

Тука некаде беше и крајот на нашето патешествие низ Романија. Се вративме за Букурешт со поправена кола, и утредента го фативме патот под нозе назад за Македонија.

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *