Првиот викенд беше резервиран за шетање со домаќините. Морам да ви признаам станување рано и брзопотезно спремање за пат со две бебиња и едно мало дете е прилично интензивен процес. Ама со добра организација и голема желба се се постигнува. Тргнавме рано сабајле бидејќи имавме доста на агендата. Требаше во еден ден да ги искусиме Карпатите, да ги видиме фамозните романски замоци и да го прошетаме Брашов.

Карпатите

Тоа што шетавме во јуни кога е најживописно си го направи своето, меѓутоа возењето низ Карпатите беше доживување само за себе. Од Букурешт до Брашов нема автопат, па дел од патот се серпентини низ Карпатите. И подобро што нема. Доживувањето е навистина посебно.

Бидејќи бевме со агенда, не застанавме на некој попатен видиковец, да излеземе од кола и да ги апсорбираме величествените планини, бар на секунда. Се возевме така низ импресивните пејзажи и дур плакнев очи си помислив: Овде е прилично убаво. Што им текнало на словените да се селат? Ќе ни остане мистерија мислам дека засекогаш.

Замокот Пелеш

Најпознатиот, односно најкомерцијалниот замок во Романија е Бран. Тоа е замокот познат како замокот на Дракула. Кога им спомнавме на домаќините дека сакаме да го видиме замокот – веднаш ни дадоа подобра алтернатива – замокот Пелеш.

Зошто? Од две причини:

  1. Замокот Пелеш е поубав
  2. Замокот Бран всушност нема никаква врска со Дракула

Малку историја. Историската фигура Дракула е всушност средновековен владетел по името Влад III или Vlad the Impaler. (Не знам ова како би се превело, to impale значи да набодеш нешто) Имено, додека Влад владеел во регионот неколку пати се борел со Отоманците и Унгарците, и при една битка во која се повлекувале отоманците, Влад ги набодел на кол телата на паднатите отоманци и ги распоредил по границите на територијата со која што владее. Па така и го добил надимакот.

Овој Влад нема никаква конекција со замокот Бран. Арно ама, Влад е инспирација за фиктивниот карактер Дракула, оној дракула што го знаеме ние – гроф што спие во ковчег и цица крв. Меѓутоа ни тој фиктивен карактер нема никаква врска со замокот Бран, и во принцип не е јасно зошто замокот Бран се вика замокот на Дракула – веројатно некој паметен во Романија решил дека популарноста на Дракула (не во смисол на тоа колку луѓе го сакаат, туку колку луѓе чуле и знаат за него) треба некако да се монетизира и почнале да градат приказна околу сето тоа поврзано со замокот. Денес замокот е вистинска туристичка атракција и pin point на мапата на секој турист што стапнува во Романија.

И така, ние се решивме по препорака на домаќините да го посетиме замокот Пелеш. Замокот Пелеш е скроз друга приказна. Наместо асоцијација со средновековни грофови што бодат луѓе на кол, замокот дава впечаток дека одеднаш сте се нашле сред некоја Дизниева бајка. Прекрасно уредени цветни градини, дворец како некоја принцеза внатре да си плете плетенки со коса долга до половина и луѓе на секои 100 метри што продаваат свежо набрани шумски плодови – но симпатично спакувани во мини кошнички со хартиени марамчиња, а не во канчиња од кисело млеко.

Ѓеорги заспа и решивме да искористиме прилика и да уплатиме тура низ замокот додека Дуди и Сања го чуваа. Замокот не е многу стар, изграден е крај на 19ти век, но е прилично импресивен бидејќи и покрај тоа што е граден толку доцна, не се штедело на луксузноста и грандиозноста. Топло ви препорачувам да го посетите.

Брашов – романскиот Нови Сад

Прво нешто што ми падна на памет кога влеговме во Брашов беше дека истото чувство го имав кога за прв пат влегов во Нови Сад – мирна и отмена оаза среде балканската разулавена галама.

Стигнавме во Брашов таман за ручек време, и некако ни се виде прежешко за во 3 саат да го шетаме градот. Рестораните во Брашов ја имаат онаа харизма на австроунгарски локал каде што келнерите се шетаат со престилки до земја. Градот изобилува со луксузни градби, во воздухот вирее тишина, а луѓето се отмени. Од брдото над градот срамежливо ѕирка едно холивудско Брашов.

Романија и нема некоја богата традиционална кујна, се се врти околу палентата. Па ручавме некој најобичен континентален ручек (не ми текнува искрено што), ама затоа после додека се шетавме го пробавме нивното традиционално трдло. Малку бев разочарана бидејќи мислев дека внатре има крем, а се испостави дека чудото е шупливо. Ништо спектакуларно, ама во секој случај a must try доколку сте таму.

Се разделивме попладнето бидејќи домаќините се враќаа назад за Букурешт, а ние тргнавме на пат да ја истражуваме Трансилванија.

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *