Мајка на едно ѕверче, номад во душа, IT менаџер по професија. Заглавена во магичниот лавиринт од 9 до 5, заробена во мислите некаде во Аруба, Серенгети, Исланд и Порто.

Порано патував номадски, со ранец на грб, по ефтини хостели и спиев по аеродроми. Сега патувам фамилијарно, влечкам со себе многу логистика во попристојни смештаи и хотели, но се уште не се скрасувам 10 дена во Пефкохори и шетам и истражувам онолку колку што тоа го дозволуваат патувањата со мали деца.

Последнава 2020та година се наметна онаква каква што е, па решив да се осврнам малку повеќе кон истражување на домашното. Неоткриени ќошиња, нестандардни туристички атракции, мали локални бизниси од угосителскиот бизнис, во кратки црти, се она што е светско а наше, и што многу луѓе не го знаат.

Идејата да блогирам за доживувања и патувања датира уште од времето кога живеев и студирав во Германија. Ме мрзеше на сите посебно да им раскажувам каде сум била викендот и како сум си поминала, па решив тој процес да го оптимизирам и да пишувам блог постови, па сите да си читаат.

Со тек на време почнав да се пронаоѓам во сето тоа раскажување за моите доживувања, а тоа убаво се вклопи со начинот на кој што живеев и живеам – искористи ја секоја прилика да отидеш некаде каде што не си бил.

И така прво се роди мојот прв блог, па потоа се роди и овој сајт.