Неколку години по ред на Facebook нон стоп ми излегуваа спонзорирани постови за Amalfi coast – видеа снимани со дрон, аранжмани со туристички агенции, блог постови од различни веб сајтови за ‘5 места што обавезно мора да ги посетите на Amalfi coast’, и некако таа дестинација ми стана зацртана дестинација што мора да ја посетам. И како и со Романија – неколку години, еден маж и едно дете подоцна стигна на ред Amalfi coast. Нашето свадбено патување со 6 месечно бебе. Овој пат, освен пуштање на долга дестинација, патувањето вклучуваше и престој на траект. Повторно преќутно осудување и неверување од страна на остатокот од светот – каде сте тргнале со толкацко бебе на толкав пат. И повторно нашата решителност – сега му е мајката дури не лази и оди, оти после вакви патувања јок.
Патувањето се одвиваше со две попатни станици за преноќување во Охрид и во Бари, и малку не спаси фактот што имаме стан во Охрид, па можевме да го искористиме како попатна дестинација за преноќување.

Ден 1
Дента пред официјално да ни почне одморот се стациониравме во Охрид. Истемпиравме патувањето до Охрид да е во приквечерината, таман за Ѓеорги да заспие по пат. Во Охрид испруживме нозе, отспавме убаво вечерта во хоризонтална положба и сабајлето со првите петли Ѓеорги отвори очи, испи едно шише млеко и тргнавме накај Албанија. Попатната станица во Охрид ми се најде и згодна за од вечерта да му спремам на Ѓеорги кашички, што ги носев во термос торбички, бидејќи не сакав да му давам готови купечки каши, да измиеме шишиња, да наполнам зовриена вода во термос за адаптирано млеко, итн. Многу многу многу логистика.
Купивме по еден бурек да јадеме по пат од првата бурекџилница што ја најдовме отворена толку рано (не се бурекџилниците сега како порано да отвараат уште во 5), и ајде да не губиме време, ќе пиеме кафе во Албанија кога ќе правиме пауза. Big mistake.
Пројдовме граница, ги пројдовме планините, и застанавме во едно градче на бензинска да наполниме бензин и да купиме кафе. Прв пат бев во Албанија, и јасно ми е дека сигурно ова е многу несреќен прв впечаток, ама таков ни се погоди. Се осеќав како некој да е паднат од марс тука, само не бев сигурна дали сме тоа ние или тие.
Јас: Бензин?
(ме гледа бледо)
Јас: Гасолин?
(ме гледа бледо)
Јас: Car? Gas? Brm brmmmm?
(ме гледа бледо)
Жарко: Јована заеби, имаме бензин, дај кафе само да земеме да се освестам и да шибаме.
Јас: Coffee? Кафе?
(ме гледа бледо)
Јас: (покажувам накај машината за кафе) (имитирам шмрк на кафе) Кафееее?
(ме гледа бледо)
Јас: (вадам картица, со цел да му покажам дека имам намера да купам нешто, па што ќе купам ќе се разбереме накнадно) Credit card?
(ме гледа бледо)
Јас: (вадам пари) Кеш?
(Ме гледа бледо без никаков израз на лицето дека воопшто ме констатира дека постојам тука пред него и дека му зборувам)
Излегов, од внатре, го погледнав Жарко само да ми потврди дека сето ова пред малце не се случуваше само во мојата глава туку дека имам жив сведок за ова, влеговме во кола, тргнавме накај Драч и си поќутевме малце за да го испроцесираме она што пред малку ни се случи.
Стигнавме во Драч на пристаништето. Сунце пичи ми роштиљамо! Миљон коли, и четири пати по толку луѓе. Сите со иста дестинација – Бари. Редари и обезбедување на секој чекор. Кај кого и да отидеш и што и да го прашаш, ти вика само: ЧЕКИИИИИН, ЧЕКИИИИИИН. И така ко навиени непрекинато. Некако успеавме еден батка да го убедиме да ни покаже КАДЕ се прави ЧЕКИИИИИИН, па отидовме таму, ни дадоа бординг пасови, и се туривме во редот за товарење на брод.
Бродов абер немаше од тргање во предвиденото време. Малку ме фати паника дека Ѓеорги беше толку долго надвор и на жешко, ама преживеавме без некоја драма голема. Немавме кабина на бродот, ситуација што се должеше на тоа што многу доцна ги букиравме картите. Ама затоа многу искусно, ко сто пати до сега да сме патувале со траект, земавме со нас круцијални работи за преживување 8 саати со бебе и се накрцавме на брод.
На бродот – Бангладеш. Черги распослани насекаде, мажите лежат спијат, извадиле кондурите и чорапите, жените ги ранат децата, фрчат мортадели пржени лепчиња варени јајца патлиџани на сите страни, деца трчаат боси низ ходникот и играат брканица. Секое можно ќоше фатено со черга. Фрлив еден поглед лево, во барот добро закотвени Енглези на шанк, веќе во поодмината фаза на пијанство, напорно работат на тоа да се направат кленови дур да тргне бродот. Влеговме да седнеме да испиеме по едно пиво пошто прежедневме на сонцето, девизата ‘со мало дете сме’ не функционираше овде. Fight for survival. Кој фатил столче не го пушта наредните 8 саати, макар и се испомочал во гаќи. Ресторанот за среќа не беше така полн, па видовме не видовме седнавме да ручаме. Тргна бродот, и дур пиевме грч ладно пице си помисливме: Ова ќе бидат мнооооогу интересни 8 саати.
When in Rome – do as the Romans do. Се фрливме во потрага по слободно ќоше. Немавме черга, ама 8 саати не се стои па не знам што да е, па направивме компромис сами со себе дека ако најдеме некое слободно ќоше, ќе седнеме на земја и не мрдаме од таму, а после вечерта кога ќе стигнеме во Бари сите комплет сосе алишта идеме на темелна дезинфекција. И така дур шетавме меѓу спратови и баравме ќошиња, пред нас се појави палубата. Ајде бе, шо! Никогаш немав претходно патувано со брод на отворено море. Мислев дека ќе биде ладно, без разлика што е надвор 300 степени, меѓутоа не беше, дури и пријатно беше за седење.

Се ближеше 8 саат, на Ѓеорги време за спиење. Сијалици светат на сите страни како во слаткара. Тивко ќоше нема ни за лек. Полека стартува бебешки плач еден по еден од сите ќошиња на бродот. Успеавме некако да најдеме една фотеља во барот и се менувавме на смени, еден одмараше нозе, еден вртеше кругови со количката на Ѓеорги надевајќи се дека ќе заспие. Немаше теоретска а камо ли практична шанса за такво нешто. И кој како проаѓа покрај тебе, нишка дете во раце и ти дава поглед на сочуство и преќутна порака: Сите сме во истите гомна. Сум спиела на аеродроми среде зима, во Камбоџа патував 12 саати 250 километри, патував еднаш два дена со воз непрекинато од Ница до Скопје, ама ова ми беше убедливо едно од најнапорните патувања што ги имам искусено.
Стигнавме во Бари во 11 вечерта. Преморени, гладни и дехидрирани. Лекција научена: На брод без кабина никогаш повеќе. Прилично лесно го најдовме станчето во центарот на Бари (фала GPS што постоиш), го легнавме Ѓеорги да спие и се фрливме на бањање, зошто бевме бетер прасиња.
Ден 2
Сабајлето не чекаше и спремен доручек (не сум ни видела при букирањето дека доручекот е вклучен во цената). Имаше човекот разбирање, па ни рече не се брзајте, можете да го напуштите смештајот кога сакате. Најадени, стокмени, избањати тргнавме кон западната обала на италија. Тешкото беше зад нас. Остатокот од патот беше 250 километри по италијански автопати. Не фати мало невреме по пат, со истурање дожд како лудо, ама имавме среќа што баш во тој момент бевме застанати на бензинска, па бевме склонети под стреа и не моравме да возиме дур лијат дождови. После 2-3 саати возење, почнаа да се наѕираат гребените на западната обала и неповторливиот Соренто.
Стигнавме во кампот во некое пристојно време. Таму Германци Швеѓани Холанѓани со кампер комбиња со фул опрема што чинат којзнае колку пари. Преубаво среден камп со бунгаловчиња и сопствена плажа, до која што беше малку стрмно да се симнуваш надоле, меѓутоа целата западна обала на Италија е таква. Фрлив еден поглед накај морето, а таму беше закотвена убавицава.

Букиравме смештај во бунгалов во камп, заради тоа што бевме со мало бебе и сакав да бидам директ на плажа за да не губам два пати на ден по сто саати товарење опрема за на плажа во кола. Се испостави дека Џорџ не е тип што сака да седи на плажа, и дека комотно можевме да букираме некоја вила на врв на брдо и да си седиме по цел ден на тераса и да го гледаме морето, ама за тоа во некој од наредните блог постови.
