Еднодневниот излет до Капри ни беше можеби највозбудливиот и најпредизвикувачкиот (логистички) подвиг во нашиот одмор.
Фамозниот монденски остров Капри ни беше на само 20ина минути со брод, и решивме дека колку и да е предизвикувачки, ова е шанса што не се пропушта.
- Hello, we’d like to book 3 tickets for Capri tomorrow.
- The baby doesn’t pay. 2 tickets. 50 Euros please.
Сто пати препрашавме дали со бебе и количка ќе сме океј, добивме потврден одговор. Идеме на Капри бејби! Патот пријатен, ветре умерено, бебе мирно и подмирено. Џовани, нашиот водич беше најклише од сите можни клише Италијани кои што сте ги виделе/чуле/прочитале. Дотеран во струкирана кошула, тесни фармерки до над колена и кожни мокасини без чорапи, Џовани непрекинато зборуваше дури да стигнеме до Капри и жонглираше меѓу италијански, англиски и германски.

Веднаш се постави прашањето дали е отворена Плавата Лагуна, и како се стига до таму, ама ни беше кажано да не се ни обидуваме зошто редот на чекање е предолг, и ќе го поминеме денот чекајќи таму. А да не сме ни помислувале на бањање во лагуната, зошто е најстрого забрането. Претходната година ја казниле Хајди Клум дур била на меден месец таму и се бањала во лагуната (што е најстрого забрането). Плавата лагуна е можеби најпознатата природна атракција на Капри и во античко време служела како приватна бања за императорот Тибериј. Лабаво. Иначе причината поради која што е водата толку плава е што низ тесниот отвор низ кој што влегува светлината, во пештерата, се филтрира црвената светлина и се пропушта само сината.

Стигаме на Капри. Хаос. ХА-ОС! Едно минипристаниште каде што нон стоп, буквално секоја минута, доаѓаат бродови, истовараат туристи и си одат за да дојдат нови бродови. Минибусчиња паркирани тесно едно до друго, товарат туристи. Еден стои среде улицата и команда кој бус да тргне кој каде да се паркира.Групи од туристи на секој чекор, туристички водичи со знаменца врескаат ЕВРИБАДИ КАМ ХИР ЕВРИБАДИ КАМ ХИР. Јапонци неуморно сликаат. Место нема кај да мрднеш, а доаѓаат ли доаѓаат нови бродови што истовараат нови туристи. ХА-ОС!
Се натоваривме во едно минибусче и тргнавме нагоре. На островот всушност има два града – Анакапри и Капри. Патот нагоре до градовите се стрмни и тесни серпентини каде што собира максимум едно фичо, и ден денес не ми е јасно како се разминуваа минибусчињата што одеа нагоре и надоле. Сите ние со грчеви на лицето и израз што вика: Леле останавме заглавени сред патов засекогаш со хелихоптер ќе не извлекуваат, возачите и водичот со лабав израз на лицето што кажува: Го правам ова по 78 пати на ден, chill people.
Капри е некоја чудна мешавина од медитеранскиот смирен светоглед, италијанската грациозност елеганција и раскош, и островското битисување – просторот ни е ограничен, опкружени сме со вода. И пречудно е како може на островот да владее таа смиреност во воздухот, кога на толку мал ограничен простор секојдневно се тискаат толку многу луѓе. Веројатно морето си го прави своето.

Застанавме горе среде плоштадчето. Ѓеорги се искака. Менувавме пелена опколени со Прада и Гучи продавници, додека Џовани ни раскажуваше дека Капри е 6 месеци затворен во годината за туристи, и на сите тие луксузни продавници дебело им се исплати да плаќаат астрономски суми за кирија на празни дуќани 6 месеци во годината. И само што здивнав после успешно сменетата пелена и со прашалници на мене каде побогу да ја фрлам – канта ни за лек, Џовани ми пријде: Алора мама, дис стрит, Прада, Гучи, Версаче, Свароки, евритинг! Му викам Џовани брате, не сме за Свароки фала ти, ќе одиме да ги видиме градините на Аугустус (или Август по нашки).

Нема да ви раскажувам што да посетите на Капри. Доколку патот ве одведе натаму, вашиот Џовани ќе ви раскаже се, ќе ви покаже се и ќе го видите она што го гледаат 80% од туристите на Капри. 80% од туристите на Капри се оние дојдени на еднодневни тури, да да. Ќе ви посакам само од се срце во животот да ви се укаже прилика да го посетите ова место, бидејќи колку и да е хаотично, тесно и на моменти хистерично, пејзажите со кои што ќе ги нахраните очите дооооолго време ќе ви ја смируваат душата.

Само еден про-тип. Ако одите на Капри, не носете купачи на себе/со себе. Нема потреба. На Капри не се оди за капење. Градовите се горе, а плажи речиси и да нема, а и време се нема во еден ден да се види се и да се истера плажа. На Капри се капат само џет сет фаци како Хајди Клум што отишла таму на меден месец, и слични на неа кои на отворено море се сончаат на јахти и бањаат во отворено море.
И еден спојлер алерт: На враќање, прво ќе направите една обиколка околу островот, а после тоа ќе поминете тука, низ ова.

