Другар ми Дуди се пресели во Романија уште кога завршивме факултет. И од тогаш датира мојата намера да ја посетам оваа земја. Додека бев студент имав кога, ама немав пари, а потоа кога се вработив имав пари ама немав кога. А и како за некој што не вози, тоа беше доста предизвикувачки потег. Секоја година те за Велигден, те за летен одмор, те зимно време – само планиравме и никако да реализираме. И така, fast forward, 18 години, еден маж и едно бебе подоцна, лани се потегнавме сите тројца до Романија.

Патувањето
Уште на почеток ни се случи инцидент, колку да не помине без ич. На Дуди и Сања им пукна гума. Па моравме во Крива Паланка во недела рано сабајле да бараме вулканизер. Среќата ги следи храбрите, па се испостави дека газдата на вулканизерот што го најдовме по пат беше станат во 7 сабајле. Ни заврши човекот работа.
За оние кои што имате намера да одите натаму, одма да ви кажам – патувањето не е најпријатно. Голем дел од патот не е автопат, во Бугарија на секои 15 минути стојат џандари и ако патуваш со бебе патувањето трае цела вечност. Меѓутоа желбата беше преголема, па ниедна пречка не дозволивме да ни се испречи на патот. Со Дуди и Сања договоривме заедничко патување натаму, а и тие беа со Леа (3) и Марио (5 месеци). Забава за сите пари.
Возевме во мини конвој, како во старите добри времиња кога се одеше во конвои низ Бугарија до Турција. Дуди и Сања ни дадоа телефон со романска картица, па бевме и поврзани цело време. А и со интернет(!) Едно бебе се покакало застаниииии, друго бебе му се цица, застанииии, трето дете му се одело во вц застаниии. Меѓутоа бевме спремни на тоа, па не ни претставуваше воопшто никаков проблем.
Границата на Бугарија со Романија е во голем дел долж Дунав. Кога се оди за Букурешт, се преминува преку граничниот премин Русе. Граничниот премин е буквално на мостот на Дунав. Една миникуќарка, во која седат двајца службеници – еден бугарски и еден романски. Процедурата заврши за 2 минути.
Две корисни работи кои што треба да ги знаете кога одите преку овој граничен премин:
- Покрај важечки пасоши, ви требаат и ситни евра, бидејќи за да се помине мостот граница треба да се плати мостарина. Бидејќи патувавме со Дуди и Сања кои што беа спремни на ова, имаа спремно парички и за нас, па на враќање знаевме да носиме ситни пари со нас.
- Овде живеат сите комарци на светот, и ни под разно немојте непотребно да застанувате, излегувате или недајбоже отварате прозори. Ова го научивме на потешкиот начин – од лично искуство. Од граница до Букурешт тепав комарци.
Букурешт не е атрактивен град за посетување. Има секако историски знаменитости, градби, централен дел на градот со тесни улички и пешачка зона, меѓутоа градот е многу бучен, прилично автоцентричен и голем, што за еден турист што пешачи е неатрактивно. Градот изобилува со кружни текови со 4-5 ленти, огромни и широки булевари и traffic jam во шпиц времињата какви што само гледаме на филмови.
Меѓутоа и покрај целата бучава и гужва, Букурешт е многу чист и среден град. Како за Јуни месец беше и многу жешко, но тоа можеби и се должеше на бетонот насекаде околу нас. Се освеживме со една лимунада и отидовме да го посетиме неизбежното – палатата на Чаушеску.

Палатата на Чаушеску е всушност романскиот парламент. Големината и грандиозноста на парламентот е надалеку прочуена (Зградата е видлива од месечината!) Меѓутоа таа градба има доста мрачно минато.
- За да се запазат роковите, се работело во 3 смени
- Околу 3000 луѓе погинале за време на 3 сменското работење за време на градбата
- 1/5 од градот била срушена за да се изгради палатата и улицата што води кон неа
- 40.000 (!!!) луѓе биле присилени да се преселат заради градежните активности
- Улицата што води кон парламентот намерно била направена поширока од Шанзелизе (демек глејте не, и од Париз сме појаки) – затоа и Букурешт го викаат мал Париз.
Она што ни остана да го направиме некој друг пат е посетата на самиот парламент. Со 4 месечно бебе, таква екскурзија беше невозможна.

Се напивме по уште по една лимунада и се прибравме дома, бидејќи утредента не чекаше пат.
To be continued…
