Од секогаш сум сакала да ја истражувам Македонија со сите нејзини скриени и за жал недоволно искористени скриени ќошиња, биле тоа природни убавини или историски наследства. Каде и да шеташ, кога истражуваш дома, чувството на восхит е многу поголемо. Како што не снајде пандемијата и неможноста за патување на надвор од земјата, патувањето и истражувањето на Македонија ни стана единственото нешто што, не само ни причинуваше задоволство туку и не одржа нормални во овие ненормални времиња.

За црквата Св. Спас во село Вишни разбрав прв пат кога бегавме од еден пандемиски карантин во Горна Белица. По пат, кога поминувавме низ селото Вишни видов натпис: пештерна црква -> 2км. Веднаш ме заинтригира. Меѓутоа знаев дека ќе мора да почека некои подобри времиња кога детето малце ќе ми потпорасне. Фаст форвард една година и кусур подоцна, се најдовме во Охрид на викенд, и решивме едниот од деновите место да одиме на плажа, да тркнеме до Вишни и да го видиме тоа чудо. До селото се стига од Охрид за 20-ина минути. Сред село има една табла која што покажува на десно.

Патот до пештерната црква е релативно лесен хајк. Две три стрмни удолнички и угорнички, но ова може да го изоди секој – и баби и дедовци, и деца и млади. Од селото се оди надоле, се до нивото на реката. Ние го одевме овој пат во Јули, среде најголеми горештини, и во речното корито немаше ни капка вода. Меѓутоа влагата беше присутна. Ќе ви кажам само едно нешто: Сите комарци на светот живеат таму. Не ни помислувајте да тргнете без да се намачкате со некое средство. Долги панталони не помагаат бидејќи носев хеланки, и после патешествието изгледав како да имам сипаници. Ужасни сипаници.

Хајкот покрај речното корито трае некаде 10 минути. Се оди низ преубави пејзажи, во кои што за жал заради гореспоменатите комарци не можевме да уживаме многу долго.

За на крај пред очи да ви се отвори црвен карпест предел.

Пештерата е во прилично лоша состојба. Има многу влага, фреските се уништени, и внатре има ќебиња и душеци. Првиот впечаток кога ќе влезете внатре ви е дека таму се засолнил некој бездомник. Прилично е импозантно како баш на такво место направиле духовен храм.

Црквата датира од 14ти век. Додека седев така и ја набљудував пештерата и местоположбата, си размислував: Во некоја друга земја која што ќе знае да го експлоатира ова, оваа пештера ќе биде на редовната агенда на целодневни излети понудени од туристичките агенции. Со целокупно локално искуство, ручек во селото, прошетка низ историските знаменитости, малку раскажување за легендите, малку шетање низ природа за да се стигне до пештерата – целокупно искуство и доживување. И ова не си го измислив јас зошто многу сум паметна, туку бидејќи сум го искусила во други земји каде што сме патувале. Таму од секоја можна ситница домаќините прават спектакл, и пробуваат тоа да го наплатат. (Во Јордан локален водич не носеше по The Indiana Jones trails – за пари нормално, каде што по пат застануваш во различни пештери, те нудат кафе, ти продаваат џинџурлајки, итн.)

Во секој случај, ова место не треба да биде нешто за што од некого сте чуле или некаде сте прочитале. Треба да биде задолжителна станица за секој турист во Охрид/Струга. Најтопло ви препорачувам да го посетите и наместо да се мислите во која кафана да седнете, да искусите едно сосема поинакво претпладне.

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *