Amalfi Coast е крајбрежјето и целата ривиера околу градот Амалфи. Целиот предел е всушност едно мини полуостровче со многу брда, тесни карпести плажи, куќи вили и хотели со преубави погледи распослани насекаде – од директ на плажа до горе на врв на брда. Додека барав смештај ми течеа лиги какви се вили имаше за изнајмување, со преубави погледи, меѓутоа се водев од една девиза: Со мало бебе сме, и одење до некаде со кола е логистички подвиг така да апсолутно бескомпромисно мора да биде смештајот на плажа.

Па така се сместивме во кампот Villagio Camping Nettuno во областа Marina del Cantone. Кампот изобилува со преубави локации за поставување шатори и трејлери и многу многу многу бунгалови. Бидејќи целото Италијанско крајбрежје е стрмно и карпесто, и овој камп не беше ништо поарен. За да се симнеш на плажа, една удолница од 45 степени, дур да се симнеш до плажа воспаление на мускули си добил. На качување веќе не ги осеќаш нозете. Ресторанот броеше едно стотина скали нагоре или угорница од истиот калибар како за на плажа. Стануваш насабајле и си викаш: Шо ќе јадам бе, вчера јадев, доста е.

Се испостави дека Џорџ не е тип што многу сака да седи на плажа. Ќе одиме на плажа? Ајде! Оооопс Џорџ се искакал. Менувај пелена, Во меѓувреме прегорела кашичката што му ја спремам, стави нова кашичка, во меѓувреме пак се искакал, и така едно саат и кусур откако ќе решевме дека се симнуваме на плажа, ние излегувавме од дома. Ги напнуваш сите можни мускули на телото за да не се истркалате по удолницата со количката пелените кашите млеката. Стигаме доле. Needles to say, плажата е толку карпеста што Охрид за нејзе е мало дете.

Целата ривиера се состои од тесни стрмни улици со многу кривини по кои што фичовци летаат и влегуваат во кривините со 60 километри на саат, ко да нема утре. Поголема кола од фичо тешко да се најде, чат пат по некој странец.

Најблиското градче ни беше на 4-5 километри од кампот, па се упативме таму да испазариме неопходни намирници. Сепак бевме во камп и ручање во ресторан беше опција само ако Џорџ реши дека ќе не почасти малку романтика. Успеавме во целиот одмор едно 2-3 пати да ручаме во ресторан, ни се смилува Џорџ 🙂

Кога ќе отидеш до вц и ќе ти оставиш сопругот и детето сами на 5 минути

Соренто

Во текот на одморот Соренто ни стана малтене секојдневна цел, имајќи предвид дека Џорџ воопшто не сакаше да седи на плажа. Сместен е на работ на високи карпести гребени и поглед од далеку на гребените и Соренто изгледа во најмала рака филмски.

По должината на целиот гребен има ресторани и хотели, онакви кај што колите паркирани таму вредат повеќе од четворособен стан во Центар.

Корзото изобилува со продавници во кои што само што беше почната летната распродажба. Вистинска распродажба. Се на -70%. Ама не беше главното корзо тоа што беше атрактивно. Во секој град, каде и да отидете има една пешачка улица со h&m и Zara и Mango. Малите сокачиња околу главната пешачка зона се the real shit. Оние да се изгубиш низ нив, да заталкаш, и кога ќе излезеш, да се најдеш на другата страна од градот.

Не џабе е Италија земја на естетиката. Продавници со џинџурлајки, со бижутерија и полускапоцени камења – како што има насекаде во светов. Ама италијанскиве блескаат со посебен сјај и убавина. Се е убаво, сјајно, отмено, елегантно. Во бутка што продава тексас кошули обесени на шипка пред продавницата кога ќе влезеш, ко да си влегол во дуќан на Армани. Бижутерииче од два метра квадратни на ќоше во мало сокаче, никакво, го пакуваат накитот ко да си купил тифани дијаманти. Да не правиме муабет за накитот од мурано стакло. Буквално се е префинето и се е со вкус. Се е шармантно. Не знам како им успева.

Ленот ми беше посебна фасцинација. Кај нас ленени блузи се продаваат на пазар, висат по закачалки високо на таванот и се обично некој бохо стил, пренакинџурени. Овде кроеви из Бурде. Ленени блузи со руски крагњи, фустани што следат облини на тело до над колена, палтенца во шанел стил, панталони машки ко од филмовине со италијанска мафија во цутот на нивното време, а сето тоа по цена на рачно ткаена свила. Со огромни букви над секоја кукла со изложени модели: PURO LINO!! Си викам lino мора да е лен, нема што друго да е, башка и на лен личи. Отидов, го допрев материјалот – да бе, лен е ова, нема што друго да е. Што им беше со цените на ленот, и ден денес не ми е јасно.

Помпеја

Она што не го знаев е дека покрај историската пеплосана Помпеја, тоа место продолжило да биде населено. И ден денес градот таму се вика Помпеја. Во мојата глава вулканот го пеплослал градот и таму луѓе никогаш повторно не се населиле да живеат. Исто така, она што не го знаев е дека вулканот е непосредно над градот, нешто како Водно над Скопје. Дури кога видов каде се наоѓа градот а каде кратерот ми стана јасно како можел вулканов да ги покоси дур кажеш ерупција.

Си дозволивме еднодневна екскурзија до рушевините на Помпеја. Качување до кратерот ни остана незавршена мисија бидејќи таму се одеше само со организирани минибусеви, а тоа за нас со мали Џорџ не беше опција.

Калдрмата не беше баш количка-friendly, па на крај видов не видов, со Џорџ во раце го поминав остатокот од турата, додека Жарко се врати назад да ја земе и донесе колата. Мисија полууспешна.

На враќање седнавме и малце на градската плажа во Помпеја. Не знам всушност дали тоа се рачуна за Помпеја, целото крајбрежбе е населено, се до Наполи, и погоре, и не се знае еден град каде завршува, другиот каде почнува. Во секој случај – градската плажа не беше ни приближно на она што го имавме на плажите на нашиот полуостров. Ѓубре, матна боја на морето, пикавци на сите страни, и дете што сака да ги јаде. Си ги спакувавме парталите и се вративме назад.

Се на се, тоа беше еден прекрасно поминат ден. Не бев толку импресионирана од Помпеја, антички град како антички град. Повеќе бев фасцинирана од тоа дека немав појма дека и ден денес постои град Помпеја, и дека градот е многу убав!

Можеби ќе ви се допаѓа

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *