Оваа зима решив за роденден да му подарам на маж ми нешто поинакво. Си подарив и на себе си подарок да бидам искрена. Долгата пауза од патувања заради Ковид ми ја разгори желбата за една од моите најголеми страсти – патувањето. И бидејќи маж ми е фан на возење и се што е поврзано со коли, а јас сум фан на шетање, овој декември направивме кратко патување да го видиме познатиот Christmas market и да го посетиме саемот на ретро класици и симулатори за возење во Нирнберг.
Нирнберг е град кој се наоѓа на северот од Баварија. Одлично е конектиран до остатокот од светот – аеродромот е блиску до градот и од центарот на градот до него се стига за само 10 минути. И тоа задоволство ќе ве чини 3 евра. Егзистенцијалните прашања од типот: Зошто живееме и сме родени таму каде што сме, види нормален и модерен свет како ги инвестира јавните пари за да имаат луѓето олеснето, ефикасно и удобно движење – одма не удрија во глава. Меѓутоа решивме дека нема да ја оправаме државата од странство и дека ќе уживаме во тие неколку декемвриски денови во целост.
Ден 1 – саемски ден
Пред да тргнеме накај саемот, седнавме на ран доручек. Филмски, недела рано сабајле, надвор ладно, влажно и божиќно украсено, по некој залутан рано разбуден Германец. Буреци, суџуци и ѓевреци на менито. Глобализацијава ем не ја сакаме, ем кај и да отидеш парче дома ќе најдеш.
- Да не служите случааааајно турско кафе?
- Секако дека служиме!
И пак егзистенцијалните прашања: Зошто кај нас е срамота да се служи турско кафе, а овде го служат во убави накинџурени мини филџанчиња во послужавниче, со благце што не си сигурен дали се камчиња собрани од улица или е нешто што се става во уста.

Саемот во Нирнберг се наоѓа надвор од градот. И до него, како и до се останато се стига со јавен превоз на шини. Поточно метро. За 10 минути. И не само што се стига до таму со метро, туку и на станицата има shuttle bus кој вози до влезот на саемот. Зошто? Бидејќи саемот е огромен, и не се сите хали и сите влезови за секој саем секогаш отворени. Повторно егзистенцијалните прашања – што правиме ние, зошто е толку тешко да го организираш вака животот каде јавните пари ќе бидат потрошени за удобствата на граѓаните, зошто немаме саем, зошто немаме јавен превоз… И дури ни се вртеа мислите низ глава, стигнавме на влезот.
Саем на ретро класици
Саемот на ретро класици не го замислував како саем каде ќе бидат изложени и најновите мерцедеси, BMW-a, поршеа и слично. Веројатно е неизбежно да ги има на било каков настан поврзан со коли во Германија.






Не ни замислував дека ќе има експонати од точаци.






Вистинското плакнење очи беа класиците. Чиста естетика, од времето кога аеродинамика при дизајнирањето коли не играла се уште никаква улога.
На пример, оваа лепотица е од 1929та година, направена до некој многу познат изведувач на каросерии, извесен Guiliaume Busson, изведена по налог на некој господин (со многу пари во тоа време, очигледно). Рачна изработка, направена од нула, во рок од 4 години, и се продава по цена од 450.000 Евра.

Оваа каросерија е уникат, се смета за уметничко дело, работа на извесен Jacques Saoutchik од Парис, и колата е проценета меѓу 3.5 и 4 милиони евра..

И уште многу многу вакви тотално неудобни, неародинамични, елегантни и грациозни ремек дела.









Имаше и вакви уникати.

И додека се шетавме низ халите, го забележав чудово. Се мислев да се качам да пробам, ама тазе бевме ручани, па не ми се ризикуваше
Sim Racing Expo
Она за што всушност бевме дојдени беше саемот на симулатори за коли. Тоа е еден свет кој што малку ми е познат, бидејќи за разлика од сите нормални семејства кои што дома имаат ТВ комода и телевизор, ние дома околу телевизорот имаме инсталирано една мини играчница. Со волан, со VR, со педали, со се. Од друга страна, ми е скроз непознат бидејќи дознав дека такви инсталации на седиште + волан + педали + екран достигаат цени колку еден четворособен стан во Скопје.
Производители на опрема, Ф1 тимови, WRC – светскиот рели шампионат, богаташи што не знаат што со парите, јутјубери што од посета на вакви саеми прават пари – сите беа таму. Секој со своја мисија. Едни да промовираат нови производи, други да ги купуваат производите, трети да го утврдат местото на престолот со своето присуство таму. Колку и да не се коли и gaming my cup of tea, морам да признаам дека уживав во врвната технологија демонстрирана на саемот.









- Од кај сте?
- Од Македонија.
- Уууу, што барате овде?
- Роденденски подарок од мене за маж ми, да се повози на симулатори на саемов.
- Ова е подарок за кој што може да се каете.
- Знам свесна сум за тоа. Колку чини инсталацијава?
- 30.000. За вас 27.000 ако ја купите одма, да не мора да ја враќаме во Белгија. Сега или ќе се удри во банкина, или ја знае стазава.
- Ја знае стазава.
- Дефинитивно ја знае стазава.

За крај едно видео од инсталацијава Версаче, чини околу 100.000 долари. Не знам кој ги купува, стварно.
